07.09.2022 (среда)
22:00 часот заминување на групата од Кавадарци и во 23:30 часот од Скопје кон Црна Гора со туристички автобус. Ноќно патување преку Косово и Албанија со попатни паузи за одмор.
Прв ден: 08.09.2022 (четврток)
Пристигнување во Бар во утринските часови. Сместување на групата во хотел „Princess” 4**** (https://www.hotelprincess.me). Хотелот се наоѓа на најатрактивниот дел на Бар покрај шеталиштето, на самиот морски брег. Слободно време за индивидуални активности и користење на содржините во хотелот кој поседува wellness и spa центар и надворешен базен. Во попладневните часови заминуваме на организиран разглед на стариот град Бар со локален туристички водич. Тоа е единствениот стар град на црногорското приморје кој не е на морскиот брег и не е „жив“ град, а во истовреме претставува вистински археолошки музеј под отворено небо. Се качуваме по старата калдрма до самиот влез, до главната порта каде времето запира и од каде започнува историјата испреплетена во објектите од византискиот и венецијанскиот период како и од турското царство. Градот со историја подолга од 2500 години веќе одамна не е населен, поплочените патеки се обраснати со трева а остатоците од старите градби обвиени со бршлен. Тука ќе прошетаме низ бескрајно тесните улички и ќе се фотографираме пред зачуваните фрески и рељефи. Враќање во хотелот. Вечера. Ноќевање.
Втор ден: 09.09.2022 (петок)
Појадок. Со локален туристички водич се упатуваме на организиран излет кон најголемото езеро на Балканот-Скадарското Езеро. Првото одредиште е малото рибарско село Вирпазар кое лежи на местото каде се спојуваат реките Црмница и Ораховштица и се вливаат во Скадарското Езеро. Кратка пауза за прошетка низ селото кое е прочуено по одгледувањето на виновата лоза и маслинките, а го карактеризираат куќите со автентична архитектура и камените мостови. Потоа се качуваме на брод и започнува нашата нова авантура-разгледување на пределот околу Скадарското Езеро кое е дел од истоимениот Национален парк, еден од најголемите во Европа. Мештаните велат дека туристите мораат да го доживеат ова за можат да поверуваат дека такви природни убавини навистина постојат. Се упатуваме кон најдлабокото место на езерото, островот Грмозур, или како што уште го нарекуваат Црногорскиот Алкатраз, бидејќи тука во XIX век старата турска тврдина била претворена во затвор. Всушност, тоа бил првиот организиран затвор на овие простори кој имал свој правилник-тука на пример стражарите, затворениците и послугата морале да бидат непливачи, а во случај на бегство на некој затвореник, одговорниот стражар морал да продолжи да ја одлежува неговата казна затвор. Многу убавини крие ова езеро, а ние ја продолжуваме пловидбата во хармонија со флората и фауната-езерото е дом на над 280 видови птици од кои далматинскиот пеликан и црниот ибис освен тука не се наоѓаат на ниедно друго место на европската територија, како и на околу 48 видови риби од кои 15 се ендемски видови. Чудесно убавата природа е надополнета со цветовите на водените лотоси кои посебно ќе не` воодушеват. Доколку дозволат временските услови ќе направиме пауза за плажа, а потоа се враќаме назад кон селото Вирпазар, а од таму во хотелот во Бар. Вечера. Ноќевање.
Трети ден: 10.09.2022 (сабота)
Појадок. Со локален туристички водич се упатуваме кон Улцињ. Попатно го посетуваме Споменикот на природата „Старата маслинка“ која вегетира повеќе од 2000 години и е заштитен знак на градот Бар. Продолжуваме кон стариот град Улцињ опколен со киклопски ѕидини кој ги чува тајните на минатото. Меѓу неколкуте плоштади најинтересен е Плоштадот на робовите каде гусарите некогаш ги продавале робовите, а една од приказните е и дека славниот шпански писател Miguel de Servantes наводно во својата младост бил роб на тамошните гусари, а неговиот татко морал да го продаде целиот свој имот за да го ослободи својот син. Исто така се верува дека своето познато дело Дон Кихот го напишал токму тука, а на девојката и` го дал името Dulćinea по тогашното име на градот. На Плоштадот на робовите се наоѓа и градскиот музеј, мал комплекс кој е составен од три згради: црква-џамија од 14. век во која се наоѓаат бројни археолошки остатоци, кулата Balšića од 12. век која се користи за уметнички изложби и во третата зграда се наоѓа етнографска колекција. Западниот дел од градот крие величествени градби кои биле резиденција на црногорските владетели, а палатата Венеција припаѓала на градските гувернери. Слободно време за индивидуални прошетки. Во попладневните часови враќање во хотелот во Бар. Слободно време за индивидуални активности. Вечера. Ноќевање.
Четврти ден: 11.09.2022 (недела)
Појадок. Се одјавуваме од хотелот и во договореното време тргнување кон Македонија. Пристигнување во раните утрински часови.